Прифаќање на детето со попреченост во семејството

Таворимина (Tavorimina, 1977) опишува четири начини на реагирање на родителите кон попреченоста на детето. Во првиот случај родителот емоционално се „разделува“ од детето, оставајќи ја грижата за детето на другиот родител, а самиот се крие преку низа ангажирања и активности надвор од домот. Вториот начин на реагирање е кога родителите ќе се здружат и заедно го одбиваат детето, во таков случај најчесто детето се остава во институција. Третиот начин на реагирање е кога детето станува центар во животот на родителите, тогаш тие спремно ја поднесуваат секоја жртва, обидувајќи се да му ја задоволат секоја желба и задоволство, сметајќи дека тоа е најдобро за детето. Последниот начин на реагирање, кој можеби е и најдобар, е кога родителите се ангажираат да му пружат поддршка на детето и меѓусебно си пружат поддршка, со тоа го задржуваат личниот идентитет и духот на нормалниот живот.

Многубројни истражувања покажале дека раѓањето на дете со пречки во развојот претставува најсилниот причинител на семеен стрес. Кога информацијата е неочекувана првичната реакција е шок и неверување, после првичниот шок родителите се изолираат и бараат да бидат оставени на мира. Кога развојните проблеми се откриваат подоцна честа реакција е одбивање на лекарските наоди и одбивање на било каков третман врз детето. Во секој случај основна емоција е тагување на родителите.

Во процесот на прилагодување на фактот дека имаат поинакво дете, дете со попреченост, родителите мора да поминат низ неколку фази:

  • Фаза на шок, кога чувствата на родителите се закочени, тогаш доминира чувството на реалност и беспомошност. Родителите се крајно анксиозни поради што многу тешко ја примаат ваквата првична информација, дури кога таа ќе им биде презентирана и неколку пати.  
  • Фазата на негација, кога сериозноста на состојбата е доведена во прашање и родителите тогаш дури можат да имаат фантазиидека детето ќе им биде на магичен начин излекувано, па често пати го носат од лекар на лекар очекувајќи дека барем некој од нив ќе ги исполни нивните очекувања. Оваа фаза најчесто е пропратена со зборовите „Ова не е можно“, „Ова не ни се случува нас“…
  • Фазата на жалење и лутина кога депресивните чувства и чувствата на вина доминираат. Иако многу од родителите на децата со попреченост се луѓе со типичен развој, тие имаат чувство на одговорност и кривица поради раѓањето на дете со пречки во развојот. Самообвинувањата можат да бидат толку интензивни што родителите можат да се чувствуваат несреќни до крајот на животот. Понекогаш тоа чувство може да се проектира и на околината (гинекологот, педијатрите, бабицата…).

Кај некои родители се јавува потреба од повлекување од социјални дружења заедно со обиди да го сокријат детето. Ваквото однесување може да се толкува како први знаци кон прифаќање на попреченоста на детето, но мора да се елиминира или да се спречи секоја абнормална изолација на било кој член од семејството.

  • Фаза на реорганизација, во која родителите ја прифаќаат реалноста и започнуваат да се однесуваат конструктивно, да бараат стручна помош за подобрување и унапредување на состојбата на нивното дете. Тогаш се прават планови за негова нега, едукација, иднина (16). Родителите се во можност да продолжат со своите животи, да ја планираат иднината, да разговараат со детето без непотребни емоции.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Scroll to Top