Брачната едукција, претставува образување на младите луѓе за бракот, брачните вредности и односи, потоа стекнување комуникациски и емотивни вештини потребни во односот со партнерот и децата, како и обука за справување во кризни ситуации.
Брачната едукација во поширока рамка освен едукација, опфаќа и советување, терапија и државна стратегија. Терапијата или брачното советување обично се спроведува тогаш кога партнерите се во брак и кога се соочуваат со одредени проблеми. Може да се спроведува какоиндивидуална или терапија во двојки при што се работи на проблемите со кои соочува конкретниот брак. Терапијата се користи во случаи на акутна брачна вознемиреност, но и за хронични проблеми кои го оптоваруваат бракот и подразбира потреба од интензивна, персонализирана и професионална помош. Прашањата во советувањето се многу различни и можат да вклучат проблеми како: неверство, семејно насилство, зависности, љубомора, сексуални дисфункционалности, проблеми со децата, финансиски проблеми и друго. Семејната терапија се изведува од страна на психолози, психијатри и семејни терапевти. Поради комплексноста на проблемите и висока вознемиреност кај партнерите кои имаат потреба од советување, терапијата често вклучува повеќе сесии во подолг временски период. Многу често брачните партнери заради високот ниво на стрес и депресија имаат пореба од психијатарска помош.
Истражувањата покажуваат дека животната среќа на возрасните луѓе е значително условена од квалитетот на нивниот брак, додека разводот е втор најстресен животен настан кој некој може да го доживее.Конфликтите во бракот водат кон разни девијации како што се алкохолизам, наркоманија, семејно насилство, силување и друго. Недоразбирањата, кризите, конфликтите и незадоволствата во партнерската/брачната дијада негативно се рефлектираат и врз родителската улога при што доаѓа до взаемно родителско недоразбирање и дисквалификување, неусогласени родителски воспитни ставови и др. што ги збунува и преплашува децата. Загрижувачка е претпоставката дека половина од двојките кои се во брак најверојатно ќе се разведат, а голем дел од двојките се чувствуваат несреќни во нивните врски. Штетата е голема не само за индивдуите, туку, и за целото општество.
Од друга страна,останува видлива аспирацијата на поголемиот дел од младите луѓе да имаат значајни и исполнети врски и односи, и среќен брак во животот како возрасни единки. Брачната едукација нуди можност да им се помогне на младите луѓе да имаат исполнети врски кои би имале основа да прераснат во среќен и задоволувачки брак. Дури и ако брачната едукација претставува само бебешки чекор во целата плејада на општествени, економски, културолошки и други фактори кои влијаат на бракот, сепак сметаме дека треба да се воведе.
Во 2011 година Владата на Република Македонија, произлезе со иницијатива за отварање на советувалишта за брак и семејство како резултат на анализи и компаративни искуства од поразвиениете земји во оваа област, со определени адапатации, визави спецификите на Македонија. Советувалиштата пред сè, беа предвиденида се фокусираат на можностите за обезбедување на опстанок на бракот во услови за социјален ризик и да обезбедуваат совети од сите аспекти на семејниот живот.
Заради обезбедување на стручна и советодавна помош на граѓаните во 2013 година и 2014 година, отворени се и започнаа со работа 21 советувалиште за брак и семејство и тоа во: Охрид, Кичево, Свети Николе, Битола, Скопје, Куманово, Гостивар, Кавадарци, Прилеп, Велес, Неготино, Кочани, Радовиш, Ресен, Гевгелија, Штип, Виница, Тетово, Берово, Струмица, Крива Паланка и Дебар. До март 2015 година ќе бидат отворени советувалишта за брак и семејство и во Пробиштип, Делчево, Струга, Кратово, Валандово, Македонски брод, Крушево и Демир Хисар.